Мирко Туш сведочеше за аферата „Изгрев“: Миладиновци се фалсификатори
Сопственикот на словенечки „Енерготуш“, Мирко Туш ги обвини браќата Димитар и Ѓорѓи Миладинови од Струга, дека се измамници и фалсификатори, кои служејќи се со наводен меморандум на словенечки Туш, кој всушност било лого од етикета за тегли со карставици зеле кредит од 4 милиони евра од ЛХБ банка.
Мирко Туш, денеска беше сведок во постапката за предметот „Изгрев“ пред скопскиот суд каде што им се суди за повеќе кривични дела на браќата Миладиновци од Струга, на судии, нотари и вработени во катастарот во Струга, како и на скопските адвокати Анита Бегова и Димитар Савовски,.
Словенецот Мирко Туш рече дека имала неговата фирма деловни контакти со „Кимико“ за текстил, но соработката која требало да продолжи за купување земјиште и градење на маркети на „Туш“ во Македонија престанала во 2005/2006 година кога сфатиле дека Миладинови фалсификувале повеќе договори и фактури и издавале фиктивни фактури за побарувања.
-Каде и да се свртев во Македонија, налетував само на измамници. Од гаранцијата која наводно сме им ја дале на Миладинови да земат 4 милиони евра кредит, нема ни буква. Таа не постои, искористено е лого од етикета за краставици и земени се броеви од фирми за текстил- рече Туш откако судот му ја покажа гаранцијата.
За потписот на директорот Александар Световшек, наводниот гарант за кредитот, Мирко Туш рече дека најверојатно е фалсификуван како што е и целиот документ, а тој како сопственик морал да знае за гаранција со ваква сума, но за тоа дознал дури пред две години, бидејќи ЛХБ Банката го криела доказот. Неговите служби го виделе пред две години откако ЛХБ го тужела „Туш“ за кредитот на Миладинови, прво во Германија, а потоа и во Словенија.
-Јас имам на располагање 100 милиони евра годишно пари за кредити од словенечките банки и не ми треба ЛХБ. За овој наводен кредит и гаранција никој од банката не се обрати до нас, ниту со мил или било какба комуникација. Така ли се одобруваат кредити. Слушнав дека таа банка влегла во некакви измами подоцна – рече Мирко Туш.
Преставникот на ЛХБ во Македонија, прашувајќи го Мирко Туш, откри дека оваа банка, во Македонија откупила 7 милиони евра, наводни побарувања што ги имале Миладинови кон Туш, кои и се продадени на Радо Банка, а ЛХБ ги купила од „Радо“, што отвори дополнителни сомневања за какви пари станува збор и од кои бизниси.
Прашан зошто не барале поништување на гаранцијата, Мирко Туш одговори дека ни на сон не му паднало дека ќе направат таков фалсификат, а тоа што не постои нема ни зошто да се поништува.
Обвинетите Миладинови реагираа на неговото сведочење, па неколку пати тие и нивните адвокати влегоа во клинч со судот кој ги опомеенуваше или не им ги дозволуваше прашањата. На една констатација и прашање на браќата Миладинови, дека парите завршиле во фирмата „Настел“ на Зоран Азманов, судијата Ѓоко Ристов врати: „Вие не правите сега сите нас дека имаме амнезија, лоботомија на глава, дека парите отишле кај „Настел“ на азманов. Жити мајка! – реагираше судијата.
Со сослушувањето на Мирко Туш околу спорната гаранција за кредитот, кои пари понатаму се користеле за купување на земјиште дојде при крај повторениот процес кој се води повеќе од пет години. За втората половина на октомври е закажано ново рочиште на кое треба да бидат изнесени завршните зборови. Денешното сведочење на Туш, јасно е дека ќе биде прилог кон поголема санкција за Миладинови. Судиите од Струга беа ослободени со првата пресуда.
Во меѓувреме Врховниот суд донесе одлука дека судењето трае неразумно долго и на судијакта Менка Опетческа и досуди 30 илјади денари надомест за удење во неразумен рок и наложи повторената постапка да заврши до крајот на септември, но пресудата може да се очекува еден месец по овој рок.
Саше Димовски
