Марјан Ефремов лидер на групата уапсена за шпионажа

Објавено на 17 септември, 2013 во 17:01

Велешанецот Марјан Ефремов, брат на уапсениот јавен обвинител Ивица Ефремов, е лидер на групата од 20 луѓе што ги уапси МВР за шпионажа.

Ефремов, според полицијата, во 2009 година, откако добил отказ од Агенцијата за разузнавање, формирал злосторничка група, во која влегле поранешни или сегашни вработени во УБК, Јавна безбедност, Агенцијата за разузнавање, воената полиција, Државниот архив и сопственици на медиуми.

Тие прибирале разни доверливи информации од службите и ги продавале на странски разузнавачки служби, најчесто на една служба од нашиот сосед (најверојатно грчката бидејќи се најдени фотографии каде што се сликани уапсените со грчки разузнавачи).

Во групата имало вработен во Државниот архив кој им копирал доверливи документи и досиеја, со која членовите на групата потоа изнудувале пари од повеќе лица, на кои им се заканувале дека ќе ги објават информациите по портали ако не добијат пари.

Во групата од 20 луѓе, која сега се товари за повеќе кривични дела, меѓу кои и шпионажа и злосторничко здружување бил вклучен и човек вработен во една од телекомуникациските компании, кој им обезбедувал податоци за телефони на одредени личности кои потоа групата ги следела и прислушувала.

Полицијата, најголем дел од документите пронашла на 27 мај 2013 година во куќата на обвинителот Ивица Ефремов, кога го апселе за случајот „Ликвидација“. Подоцна тие документи ги довеле до останатите осомничени. На прашање, дали меѓу документите имма информации што може да потекнуваат од работатат на обвинителот Ефремов, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска одговори:

-Во домот на првоосомничениот е пронајдено прилично обемна документација која е предадена на вештачење во одделот за Крим техника. По вештачењето ќе се утврди на кој начин и од каде стигнувале документите до обвинетите.

МВР, како што најави, ќе продолжи да работи на собирање на докази за активностите на групата. Ефремов во 2011 според МВР се сретнал со Ване Цветано и Зоран Божиновски каде што Божиновски добил документи од Цветанов кој ги објавувал јавно понатаму.

При претресот кај обвинетите се пронајдени уреди за сателитска комуникација, за прислушување, разна опрема, оружје и муниција.

За оружјето кое беше пронајдено во мај, Марјан Ефремов беше осуден на казна затвор во траење од 3 години, која казна апелациониот суд во меѓувреме ја зголемил на 5 години. Ефремов сведочеше и во „Ликвидација“ каде што рече дека двата пиштоли најдени во сеф во спалната кај неговиот брат, Јавниот обвинител биле на неговиот покоен татко, поранешен судија за прекршоци во Велес, кој бил соработник на УДБА, која му ги дала како награда.

Сите уапсени од рано изутрина се на распит пред истражен судија во скопскиот кривичен суд. По двајца МВР се уште трага. Против двајца кои вчера беа уапсени, вработен во УБК и режисерот на серијалот „Еднооки“ МВР не поднесе пријави.

На прашање, дали вработениот во УБК е пуштен затоа што има брат кој работи во странска амбасада во Македонија, јанкуловска рече дека на МВР не му се важни роднинските релации, туку дали има докази за приведените. За двајцата, откако се оценило дека нема докази, не биле опфатени со кривичната пријава.

Саше Димовски

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.