Рождество на Пресвета Богородица
Во чест на денот на раѓањето на Марија, Богородица, мајката на Исус Христос, христијанската црква го востановила празникот Мала Богородица.
Во животот на христијаните, посебно значајно место зазема ликот на Пресвета Богородица, мајката на Исус Христос. Македонскиот народ секогаш со достојно внимание прославува неколку празници поврзани со името на Пресвета Богородица: Мала и Голема Богородица, Воведение на Пресвета Богородица, Благовештение, Богородичин појас, Покров на Пресвета Богородица, Собор на Пресвета Богородица и др.
Богородица е родена во Назарет од стари и бездетни родители, благочестиви Јоаким и Ана како одговор на нивните молитви. Се слави на 8 септември според јулијанскиот календар или на 21 септември според грегоријанскиот календар.
Православните христијани не веруваат во Римокатоличкото учење дека Марија е девствено зачната, а со тоа и зачувана од прародителскиот грев. Црковното предание нѐ учи дека Марија, како и сите други луѓе, го наследила прародителскиот грев, бивајќи зачната по природен, човечки пат, и токму затоа ѝ било потребно спасението, како и на целиот човечки род.
