Се зголемува смртноста од кардиоваскуларни болести
Во вкупната смртност кардиоваскуларните болести во Македонија учествуваат со 60 отсто, а постојано се во пораст, алармираат лекарите.
Според податоците на Државниот завод за статистика во 2012 година од болести на циркулаторниот систем починале 11.926 лица од кои 5.739 се мажи, а 6.187 се жени, со вкупна стапка на смртност од 578 на 100.000 жители. Како значајна причина за смрт во структурата на циркулаторните болести со 100 смртни случаи на 100.000 жители или околу 2.000 смртни случаи годишно учествуваат исхемичните болести на срцето. Секоја година се регистрираат повеќе од 3.000 срцево-садовни заболувања.
За ова денеска говореше говореше директорот на Институтот за јавно здравје на Македонија Шабан Мемети на прес-конференција по повод на Светскиот ден на срцето, кој се одбележува на 29 септември под мотото „Тргни кон здраво срце“.
Како што нагласи Мемети, како ризик фактор за честа појава на болестите на циркулаторниот систем и на срцево-садовниот систем, како и сериозни компликации и предвремена смртност се високиот крвен притисок, холестеролот во крвта, шеќерот во крвта, зголемената тежина, физичката неактивност, стресот итн.
