Каначковиќ и Адеми се двајцата нови членови на Судскиот совет
Новоизбраните членови на Судскиот совет Лидија Каначковиќ и Селим Адеми дадоа свечени заклетви дека ќе работат совесно, стручно, согласно Уставот и законот и дека нема да поклекнат на партиски влијанија.
Поранешната судијка во Вишиот управен суд Каначковиќ ги отфрли обвинувањата на опозицијата дека е кадар на ВМРО – ДПМНЕ, а унапредувањето во кариерата го добила благодарение на случајот со поранешниот претседател на Уставниот суд Трендафил Ивановски кому му го потврди решението на Комисијата за лустрација со кое се прогласува за соработник на тајните служби.
– Не би рекла дека сум партиски кадар. Од мојата биографија се гледа дека сум судија од 1986 година а во судството работам од 1984 година. Така да мојата биографија и кариера зборува сосема поразлично од тоа, рече Каначковиќ.
Со стапувањето на новата функција, политиката се остава на страна, изјави Селим Адеми. Тој беше претставник на ДУИ во ДИК. Подоцна стана и советник на министерот за правда Блерим Беџети.
– Мислам дека и со закон е регулирано дека членовите на Судскиот совет не треба да бидат членови на политички партии така што нашата функција ќе ја извршиме професионално согласно законите и прописите во Република Македонија, рече Адеми.
Каначковиќ и Адеми доаѓаат на местото на двајца членови на Судскиот совет на кои им истече мандатот.
