Груевски: Прашањето за името не е базирано врз меѓународното право
Прашањето што го отвори Грција кое требаше да биде веднаш решено помеѓу соседите, партнерите и идните сојузници трае веќе 22 години. Прашање кое, според мое длабоко убедување, иако претставува многу реален проблем за мојот народ, е виртуелно во својата основа и нема никаква базираност во меѓународното право ниту во актите на ОН и тешко е, би рекол невозможно, некој да најде правна оправданост за неговото постоење, истакна премиерот Никола Груевски во обраќањето пред Генералното Собрание во Њујорк.
– Огромното мнозинство на земји, кои го признаваат нашето уставно име Република Македонија, а кои се над 135 членки на ОН, јасно покажуваат дека мнозинството на земји не веруваат дека овој спор има и оправдана политичка основа, или ако како таква постои ја денунцираат. Тој е произведен, според мое убедување, како класична политизација и инструмент кој пред 20-тина години или требало некому да донесе парцијални политички поени или пак преку креирање на атмосфера на конфликтност да се направат некои стратешки регионални поместувања, но и да се забави продорот на слободата, демократијата и пазарната економија на Балканот, истакна Груевски.
ООН, посочи македонскиот премиер, минатата година го разгледуваше и прашањето на владеење на правото, и сите земји-членки едногласно се сложија дека почитувањето на меѓународно договорените норми и принципи е задолжително.
– За жал, не секогаш нормите се почитуваат, а Обединетите Нации не смеат да бидат инертни на тоа и да се апстрахираат од одговорност за непочитување на владеењето на правото. Република Македонија во 1993 стапи во членство во ОН со нетипичен услов за прием, а тоа е оспорувањето на уставното име, и прием под привремена референца на земјата, преседан кој историски се нема случено никогаш и кој е во спротивност со актите на меѓународната заедница и право, но ние тоа го издржавме, иако како проблем се провлекува до ден денешен, рече Груевски.
Потсети дека Македонија во 1995 со Грција со посредство на ОН потпиша Времена спогодба со која го променивме знамето и делови од Уставот. Грција имаше обврска да не го попречува нашиот прием во меѓународни организации, обврска која не ја испочитува и ни го попречи приемот во НАТО во 2008, и не само што го попречи директниот чин на нашето зачленување во меѓународна организација, го прошири тоа попречување и на процесите на започнување на процедура за членство во друга организација и 4 години по ред го попречува почетокот на преговори за наше членство во ЕУ.
– Во 2010 Меѓународниот суд на правдата во Хаг, кој е главно тело на Обединетите нации основан од земјите членки, по основ на наша тужба за попречувањата на Грција за нашите членства, пресуди дека Грција го прекршила меѓународното право преку прекршување на Времената спогодба и дека Република Македонија со ништо не го прекршила меѓународното право и обврските кои ги преземала. Но, ние сме повторно попречувани, и покрај одлуката на највисокиот орган на правдата во светот и тоа на очиглед на ова Собрание и неговите земји членки, укажа претседателот на македонската Влада.
ОН, истакна Груевски, беа формирани за да го штитат меѓународното право. Ниту една норма од меѓународното право не налага некоја земја да не може да се нарекува како што сака, а нејзините граѓани да не можат да се нарекуваат и именуваат како сакаат. Именувањето е едно од петте елементи на државите и тоа е неоспорно право на секоја земја член.
– Што ќе ни е меѓународно право ако не го почитуваме? Ако ние замижиме пред оваа неправда и очигледно прекршување на меѓународното право директно ќе бидеме виновни за рушење на еден од постулатите на светскиот мир и на ОН. Ние тоа ниту сакаме ниту смееме да го дозволиме. Ако не постои меѓународно право би била анархија, а ОН би се претвориле во дебатен клуб без суштинска ингеренција. Ние не сакаме во тоа да учествуваме, по цена на се, па дури и на наша лична штета. Ако не го почитуваме меѓународното право, не ги почитуваме и 50 милиони жртви кои пред 70 години се изборија за него и ќе одиме против одлуките на нашите претходници-основачи на оваа организација. Меѓународното право не треба да е флоскула туку решение на секој предизвик, порача Груевски.
Подвлекувајќи дека според меѓународното право Република Македонија има право да се самоименува и да го именува својот идентитет како македонски, тој истакна дека решавањето на разликите со нашиот јужен сосед е наш приоритет, но токму и само во рамките на границите на резолуциите на ОН кои го дефинираат решението кое е предмет на разговори и взаемно прифатливото решение, и никако на друг начин, а особено никако со проширување на тие граници.
Извор: Teлма
