Осомничен за пожарот во „Македонски пошти““
Попладнево пред истражен судија изведен е на распит шефот на Кабинетот на директорот на „Македонски пошти“. Се сомничи за небрежност во работата и за предизвикување на пожарот во зградата на 15 јануари годинава, пренесе Телма.
Од скопското Јавно обвинителство потврдуваат дека од досегашната тримесечна истрага, од собраните докази и од вештачењето, се утврдило дека причина за пожарот е човечки фактор. Заради тоа, велат, во судот бил спроведен висок функционер од поштата. Нема информации дали пожарот бил намерно предизвикан или е резултат на небрежност.
Истражниот судија ќе одлучи дали ќе одреди мерка притвор, а со дополнително вештачење ќе се утврдува колкава е предизвиканата штета. Пламените јазици уништија дел од зградата, инвентар како и муралот на уметникот Борко Лазески.
