„Екстра меин“: Во нашите производи нема листерија

Објавено на 7 август, 2014 во 15:11

Сите производи, вклучително и сечканиот свински врат, се термички третирани, на температура од 73 до 79 Целзиусови степени, со што загарантирано се уништува бактеријата листерија”, се вели во реакцијата на кумановската месна индустрија “Екстра меин”, откако беше соопштено дека во нејзин производ е најдена листерија.

Од компанијата тврдат дека од почетокот на годината, земени се 158 мостри од производи и 112 брисови од машини, работни површини и работници и дека сите резултати се негативни на присуство на каква било бактерија.
“Не е можно од нашата компанија да излезе термички необработен производ. Подлежиме на постојани контроли и го спроведуваме НАССР системот за контрола на квалитет. Трите вонредни контроли во нашата фабрика во изминатите десет дена од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Министерството за здравство не покажаа никакви неправилности. Сите земени брисови и мостри се негативни”, велат од “Екстра меин”.

Кумановската компанија најави дека ќе побара суперанализа од Агенцијата за храна и ветеринарство за наведениот производ, во реномирана светска лабораторија.

“Мострата со бактеријата е пронајдена во производи во малопродажен објект, за кои не може да гарантираме како биле чувани, дали била можна девакумација и дали дошле во контакт со други производи кои ја содржеле бактеријата. Ќе ги почитуваме препораките на АХВ и на Министерството за здравство и активно ќе соработуваме со нив сe до откривање на вистинскиот причинител на болеста”, велат од “Екстра меин”.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.