Клучниот сведок сведочеше во прилог на Груевски
На продолжението на судењето на лидерот на СДСМ Зоран Заев по тужбата за клевета од премиерот Никола Груевски, клучниот сведок, газда Нини рече дека не ги познава ниту Никола Груевски, ниту Зоран Заев, а акциите од Македонска банка ги купил на берза, јави Радио Канал 77.
На одбраната на Заев, не и’ се прифати ни аудио снимката за која тврди дека е снимено како Груевски преку посредник договара продажба на „Македонска банка“ на газда Нини.
На денешното рочиште адвокатите на тужениот Заев бараа да се повлече одлуката на судот Нини да се појави како сведок, зашто неговото сведочење без прифаќањето на аудио снимката е беспредметно.
По речиси час и половина докажувања на адвокатите на тужителот Груевски и тужениот Заев во врска со сведочењето на Нини, судот сепак пресече тој да даде исказ.
Претходно, јовица Стефановиќ – Нини седеше во ходникот на судот чекајќи да види дали ќе биде повикан да сведочи.
Груевски и Заев не се појавија на денешното рочиште.
Судскиот процес продолжува утре. Во судница треба да бидат сослушани Груевски и Заев.
„Очекувам во секој случај утре да се појави и тужителот, премиерот Груевски и покрај неговата повреда на ногата. Се надевам дека таа повреда не е нешто драматична. Но, ако не може да се качи на третиот кат, можеме и ние да се симнеме, има судници и подолу, така што искрено очекувам тој да дојде“, рече адвокатот на Заев, Мирослав Вуиќ.
Груевски од Заев бара половина милион евра отштета за обвинувањата дека учествувал во нелегална продажба на Македонска банка.
