ЗНМ реагира на последните измени на ЗААМУ

Објавено на 2 септември, 2014 во 13:39

„За помалку од девет месеци македонската Влада во три наврати го менува Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ЗААМУ). И овој пат, како и досега, владата го менува законот во скратена постапка без никаква консултација со новинарските и медиумите организации  и без јавна расправа. Тоа покажува дека целта на законот не е да ја заштити слободата на медиумите и да ги промовира интересите на медиумите и новинарите, туку да им послужи на дневно политичките интереси на владата,“ пишува во реакцијата на Здружението на новинари на Македонија.

Еснафското здружение смета дека  со најновите измени Владата ги зголемува овластувањата на
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со цел да ги дисциплинира медиумите и го уредува начинот на исплата на надоместокот на националните радиодифузери за производство на домашна документарна и играна програма.

„Владата наместо да ги покрие половина од трошоците за домашна продукција треба да ги преполови часовите за емитување на домашна документарна и играна програма на националните радиодифузери. Ние се сомневаме дека со делумната компензација на трошоците за производство на ваков вид на програма Владата нема намера да го поттикне домашното производство, туку да го зголеми уште повеќе финансискиот притисок врз медиумите за да се зајакне контролата врз нивната уредувачка политика.
Со ова решение Владата влијае и на содржината на домашната продукција зашто оценката за подобноста некој проект да биде финансиран од Владата ќе ја донесе  меѓу – ресорска комисија, која е политички орган. 
Место вакви решенија со кои Владата го зголемува учеството во финансирањето на медиумите, треба да се отвори дебата за законско регулирање на владините кампањи. Тоа е барање на новинарските и медиумите организации во земјата, но и на Обединетите нации и на Европската унија. Тој закон треба да го дефинира јасно јавниот интерес на владините кампањи, трошењето да биде транспарентно и распределбата да биде врз основа на јасни критериуми.

Само така Владата може да ја подобри состојбата со слободата на медиумите во Македонија, во спротивно земјата ќе продолжи да паѓа на светските ранг листи по слобода на медиуми,“ пишува во реакцијата на ЗНМ.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.