Македонија одбележува дваесет и три години независност
Македонија денеска одбележува 23 години од спроведување на референдумот на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава. Убедливо мнозинство, над 95 отсто од граѓаните што излегоа на референдумот на 8 септември 1991 година, позитивно одговорија на референдумско прашање „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.
Во пресрет на годишнината од независноста синоќа се одржа свечена академија на која присуствуваше државниот врв, пратеници и министри од првиот состав на Собранието и Владата, дипломатскиот кор во Македонија и други истакнати личности. Претседателот на македонското Собрание Трајко Вељаноски порача дека најголем предизвик останува вкупниот државен развој, а приоритети членство во НАТО и ЕУ. Повика на соработка и единство помеѓу политичките партии, натамошно јакнење на довербата помеѓу етничките заедници и меѓуверската толеранција.
„Имаме обврска Македонија да им ја предадеме на следните генерации уште поразвиена, уште посигурна и уште постабилна. Да си подадеме рака меѓу себе, со нашите соседи и со нашите западни пријатели. Да тргнеме заеднички напред кон новите предизвици и да ја градиме и развиваме Македонија.“
Вељановски додаде дека новиот 8 Септември, за Македонија, новиот македонски Илинден, ќе биде денот кога Македонија ќе се интегрира во Европската унија.
Денеска ќе се додели државната награда за спорт „8 Септември“, а делегации на Собранието, на Град Скопје и на СДСМ ќе положат цвеќе на споменикот „Паднати херои за Македонија“, а СДСМ ќе положи цвеќе и на гробот на првиот претседател на Македонија, Киро Глигоров.
