Ќе се преиспитува наплаќањето на влез во Националниот парк „Галичица“
Националниот парк „Галичица“ и Воздухопловната федерација ќе седнат на заедничка маса со цел надминување на недоразбирањата кои настанаа со воведување на наплата за користење на природните вредности на планината за параглејдинг, која започна да се применува од летово. Еднократно користење на полетиштата на Галичица чини 300 денари, а за целодневно летање со параглајдер треба да се издвојат 1000 денари. Цените не се високи сметаат одговорните во паркот, посочувајќи дека параглајдингот освен рекреација, претставува и вносен бизнис за инструкторите по летање, јави Телма.
Искусни параглајдеристи кои летаат од Галичица, велат дека не е проблем наплатата, туку што тие добиваат како услуга од паркот, посочувајќи дека за економски да се експлоатираат полетиштата и слетиштата, најпрвин треба соодветно да се уредат.
Од НП Галичица информираат дека се прават напори да се обезбедат донации за уредување на природните терени за параглајдинг, но сметаат дека е неопходно договорно да се регулираат односите помеѓу регистрираните клубови и парковите, со што и едните и другите ќе се заштитат од нелојална конкуренција.
Покрај за параглајдинг, од неодамна се наплаѓа влез во НП Галичица и за рекреација и планинарење. Користењето на обележаните планински патеки за прошетка или велосипедизам чини 30 денари, а за искачување до врвот Магаро или посета на островот Голем Град, кои се строго заштитени зони, се наплатува 200 денари. Одговорните во паркот тврдат дека цените се пристапни и нема реакции од посетителите, посочувајќи дека овие средства се користат исклучиво за заштита и промоција на природните вредности на Галичица во туристички цели.
