Кежаровски во притвор поради техничка грешка во пресудата
Поради техничка грешка во текстот на пресудата, предметот на новинарот Томислав Кежаровски со месеци шетал по судови поради што му се продолжи домашниот притвор, јави Телма.
Судиите од Кривичниот суд во пишувањето на пресудата згрешиле име заради што целата пресуда од 128 страници морала да се преработи. Оваа грешка и долгото подготвување на првостепената пресуда го задржаа Кежаровски најмалку уште шест месеци повеќе во притвор. На Апелациониот суд му беа потребни четири месеци за да ги изврши сите подготовки за јавна седница. Судијата и портпарол на Апелациониот суд Сафет Кадрии појаснува дека кај нив работата одела брзо.
“Временскиот период од примање на предметот до закажување јавна седница, за овој предмет не е долг за да се каже дека не се постапува. Судиите требаше да усогласат единствен термин и прв таков слободен е крајот на октомври. се работи за организиран криминал и обемен предмет. Не се предвидени рокови за постапување и закажување седница. Единствен рок кој треба да го почитуваме е од датумот на закажување до датумот на седницата кога не смее да има помалку од четиринаест дена”, вели судијата Кадрии.
По десет месеци по ирекувањето на пресудата новинарот кежаровски деновиве ќе добие покана за јавна седница во апелациониот суд каде на судиите ќе може да им појасни зошто бара укинување на пресудата. Седницата е закажана за крајот на октомври по што петмината судии од Апелациониот суд во рок од два месеци ќе треба да ја соопштат нивната одлука.
Жалби на превостепената пресуда поднеле сите адвокати и обвинети бидејки сметаат дека делата за кои се осудени не биле докажани. Еден од адвокатите тврди дека пресудата може целосно да падне.
Ваквото тврдење на адвокатот се заснова на анализа на кривичниот закон според кој кривичното дело за кое одговара неговиот клиент во случајот со Кежаровски не постоело кога била покрената истрага.
Новинарот Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за објавен текст пред пет години во кој според пресудата открил идентитет на заштитен сведок. беше спектакуларно уапсен пред сопругата и малолетната ќерка. Неговото апсење предизвика бурни реакции од новинарските здруженија во регионот кои ги обвинија властите дека на овој начин се атакува врз слободата на говор и новинарската професија. Во Скопје беа организирани протести со кои се бараше ослободување на Кежаровски од притвор.
Со него во група беа осудени судии, обвинители и адвокати за примање поткуп и неовластено оддавење информации за сведоци.
