Деркоски: Нема повредени патници во возот кај Миравци
Не е повреден ниту еден од патниците кои беа во возот на релацијата Скопје – Гевгелија, од кој вчера попладне се откачи вагон на потегот на пругата меѓу Миравци и Милетково.
Во изјава за МИА директорт на МЖ Транспорт Оливер Деркоски вели дека станува збор за обичен технички дефект, а шесте патници кои биле во возот немаат никакви повреди и се транспортирани до крајната дестинација.
– Се случи обичен технички дефект, пукање на квачило и активирање на автоматска кочница. Во тој момент согласно механизмот на возот се активира автоматската кочница. Тоа се случило на влезот во станицата во Миравци, каде што возот се движи со мала брзина. Во возот имало 6 патници, кои веднаш се транспортирале за таму каде се упатиле, рече Деркоски.
Во секојдневна работа, појасни, многу често и при маневрирање на возовите се случуваат вакви работи, и ништо не е невообичаено. Се случуваат и механички дефекти, иако се вршат технички прегледи, изјави директорот на МЖ Транспорт.
