Државниот студентски дом со реакција на вчерашните резултати од истражувањето на МОФ
Просечната оцена за генералниот живот во студентските домови, на скала од еден до 5 е 2,93. Лошите услови за живот во студентските домови, недостатокот на средства и простории за учење и недостатокот на спортски и културни активности се издвојуваат како главни полиња од интерес за студентите-станари. Ова го истакна Мартина Илиевска од тимот на истражувачите на вчерашната презентација на двете истражувања за студентскиот стандард „Како се трошат средствата на Државниот студентски дом – Скопје“ и „Перцепции за корупција на станарите во ДСД – Крпен студентски живот“, која се однесува на периодот од 2015 до 2018 година и од резултати од теренско анкетирање од 300 студенти – станари.
Петар Барлаковски, истражувач и програмски координатор во МОФ, посочи дека од склучени вкупно 193 договори за јавни набавки 67 договори се за обезбедување на храна, ако се земат предвид трошоците за овие 67 договори и бројот на станари во текот на 10 месеци, се доаѓа до просечна сума од 61 денар дневно која се издвојува за оброците на станарите.
По објавувањето на истражувањето реагираше Државниот студентски дом Скопје, од каде наведоа дека истражувањето од МОФ околу исхраната и трошењата на институцијата се однесува на период од 2015 година, кога со институцијата раководеше предходната власт.
Оттаму потсетија дека сегашното раководство со институцијата управува од месец март 2018 година.
Исто така, во нивната реакција се додава дека недомаќинското работење на предходна власт ги запусти домовите до степен на потсмев кај домашната јавност. Раководството кое сега управува со студентските домови се соочи со речиси секојдневни дефекти во инсталационата мрежа поради која студентските домови во зимскиот период многу често имаа недостаток на топла вода и греење.
Студентите во В и Г Блоковите во студентскиот дом „Гоце Делчев“ добија комлетно внатрешно уредување, а во тек е уредување на дворот. Се уреди и дворот на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, а се ставија во функција и неколку запуштени простории. Во моментов таму се изведува видео надзор во насока на безбедност на студентите. Исто така потпишан е и договор со германската КфW банка преку која се обезбедени средства за целосна реконструирање студентскиот дом во делот на енергетската ефикасност. За студентскиот дом „Стив Наумов“ се работи техничка документација за зградите 1 и 2. Студентите во овој дом ќе добијат комплетно реновирање со што домот ќе има целосно нова слика. Во меѓувреме по цели 16 години се промени и менито во исхраната. Дополнително во појадокот се воведе здрав оброк-смути, велат од Државниот студентски дом Скопје.