Владата препорачува откажување на поголеми јавни собири до 6 март
Владата на денешната седница донесе заклучок и препорача откажување на поголемите јавни собири, спортски настани и забавни и културно-уметнички манифестации до 6 март 2020 година, со цел превенција на ширење на вирусот „Корона“
На денешната седница беше разгледана информација во врска со следни чекори и одлуки кои се однесуваат на превенција на ширење на коронавирусот и констатираа дека сите мерки што ги презеде Министерството за здравство, насоките на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, како и постојаниот мониторинг од кои произлегуваат секојдневните мерки и препораки на Кризниот штаб, на Комисијата за заразни болести, како и на Институтот за јавно здравје ги постигнаа очекуваните резултати, дека ситуацијата со превенцијата и контролата за да се спречи непосакуваното ширење на корона вирусот, се остваруваат целосно.
–
Во насока на натамошна соодветна превенција, Владата го прифати предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, одржана на 27 февруари 2020 година, формиран врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство, и донесе заклучок да им се препорача на организаторите да ги откажат сите јавни собири до 6 март 2020 година. Препораката на Владата се однесува на поголемите јавни собири кои се планирани во овој период, како што се Струмичкиот карневал, Карневалот „Прочка” во Прилеп” и сите слични, се наведува во соопштението од владината прес-служба.
Владата им препорачува на организаторите на спортските настани, натпреварите во утврдениот период до 6 март да се играат без публика. Истата препорака на Влада се однесува и на сите други поголеми забавни и културно-уметнички манифестации.
Владата на денешната седница препорача сите организатори на други јавни настани своите одлуки да ги донесуваат врз основа на консултација и мислење на Комисијата за заразни болести.
Владата ја задолжи Комисијата за заразни болести да продолжи да ги известува Владата, Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, и Кризниот штаб, за епидемиoлошката состојба со корона вирусот, за да се планираат идните чекори во превенцијата и справувањето со ситуацијата.
На оваа своја седница Владата ги задолжи Пазарната инспекција и Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија (МАЛМЕД) да направи увид и контрола на залихите на заштитните средства за заштита од пренесувањето на вирусот во аптеките и доколку утврди неосновано покачување на цените да преземе мерки соодветно за законските прописи и овластувања.
Владата го задолжи Министерството за внатрешни работи до наредната седница да достави информација како се спроведуваат мерките што ги одреди Кризниот штаб.
Како еден од заклучоците на оваа седница е и одлуката да се воспостави соработка со „Црвен Крст” на Република Северна Македонија и да се повикаат нивните волонтери да асистираат на граничните премини во анкетите на лицата што влегуваат во земјата во соработка со припадниците на граничната полиција.