ВМРО -ДПМНЕ денес со блокада на Скопје и протести во 15 градови
02.12.2020
Денес од 15 до 16:30 часот опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира раскрсниците пред Владата и кај Министерството за надворешни работи, додека во 18 часот ќе се оддржат протести во 15 градови ширум државава.
Од партијата најавија дека на протестите ќе биде испратена порака до премиерот Зоран Заев дека е доста со понижување и распродажба на историјата и ќе побараат оставка од него.
„Денес е денот кога сите граѓани на Република Македонија ќе продолжат заедно во битка за одбрана на честа и достоинството на македонската држава. Време е да се каже доста е на понижување и распродажба на државните и национални интереси. Токму затоа сите граѓани заедно сплотени, во масовен број и ќе испратат порака дека Зоран Заев и СДСМ мора да заминат час побрзо бидејќи на Македонија ѝ донесоа само порази и неуспеси“, велат од партијата.
Протестите во Скопје ќе почнат во 15 часот пред Владата и Министерството за надворешни работи, а протести ќе се одржат и во Куманово, Македонска Каменица, Пробиштип, Делчево, Пехчево, Берово, Виница, Радовиш, Валандово, Дојран, Велес, Кавадарци, Прилеп, Битола и Охрид, со почеток од 18 часот.
Мите Јаначков