Од утре започнува процесот на имунизација на коронавирусот, до крајот на месецот се очекуваат и кинеските вакцини
16.02.2021
Утре почнува процесот на имунизација на ковид-19 во земјава со вакцинирање на здравствените работници од Инфективната клиника во Скопје. Надлежните потврдија дека подготовките за масовното вакцинирање се во тек, а до крајот на месецот се очекува да пристигнат и кинеските вакцини.
Вакцинацијата ќе почне во среда во 10 часот во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.
Министерството за здравство соопшти дека пунктот во модуларната болница во која има шест вакцинални позиции ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствениот дом Скопје. Според утврдениот план, термините за вакцинирање ќе бидат на 10 минути.
Националниот систем во текот на вчерашниот ден испрати списоци до ковид-центрите низ државата каде се наведени имиња на здравствени работници кои сакаат да се вакцинираат, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примаат вакцината во модуларната болница на Инфективната клиника во Скопје. Ковид-центрите треба повратно да ги потврдат листите.
Досега за вакцинација се пријавени 4.000 здравствени работници од кои околу 2.000 од Скопје, а останатите се во другите градови. Секој здравствен работник кој ќе прими вакцина, веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.
Првата вакцинацијата ќе се изврши со 4.680 дози вакцини од производителот „Фајзер”, донирани од Србија. Со оваа пратка на вакцини, имунизацијата ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози на вакцини, ќе се врши и дистрибуција низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови.
Според премиерот Зоран Заев, кинеската вакцина против ковид-19 е во постапка на договарање и регулирање. Во земјава треба да пристигнат и дополнителни дози од „Фајзер” кои се обезбедени од директните преговори со компанијата, како и дози преку Ковакс системот.
