Запленетите 4,5 тони путер со изминат рок, денеска ќе бидат уништени на „Дрисла“
15.03.2021
Агенцијата за храна и ветеринарство, вчера соопшти дека се запленети вкупно 4,5 тони путер со поминат рок, кои денеска ќе бидат уништен на „Дрисла“.
Во соопштението се наведува дека , Агенцијата за храна и ветеринарство изминативе две недели спроведе акција за контрола на млечни производи од увоз во млекарницата „Евро млекара ДООЕЛ“, Скопје. Во неколку последователни контроли во млекарницата и кај дел од нејзините дистрибутери, повлечени се вкупно 4.325 килограми увозен путер, за кој е утврдено дека е со изминат рок до 2019 година.
„Точно е дека се запленети речиси 4,5 тони, поточно нешто повеќе од 4,3 тони путер со поминат рок, но повеќе детали ќе кажеме во текот на утрешниот ден“, изјави Никола Бабовски, директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Вицепремиерот Љупчо Николовски, на Фејсбук објави дека во акција на Агенцијата за храна и ветеринарство кај операторот Евро Млекара ДООЕЛ Скопје, се пронајдени и запленети 4.5 тони путер, кој имал важност до 2019 година.
„Производот е затекнат во продажба без декларација, и од страна на АХВ веднаш е повлечен од пазарот. Заштитата на граѓаните и нивното здравје се на прво место. Повикувам на целосна истрага и одговорност!“, напиша Николовски.
