Усвоен петтиот пакет мерки

Објавено на 19 април, 2021 во 07:52

sobranie

19.04.2021

Во тензична атмосфера се изгласа петтиот пакет економски мерки. Заболените со ковид 19 пратеници дојдоа во Собранието во скафандери и учествуваа на 36. седница.

Денешната седница како и седниците изминатите денови се одвиваа во „зовриена“ атмосфера со многу кавги и префрлања на вина, обвинувања и закани меѓу пратениците од опозицијата и собранискиот спикер Талат Џафери.

Учеството на пратениците во скафандери на собраниската седница од посебна кабина е според протокол донесен уште од јули 2020 г., дополнет во ноември – одговори претседателот на парламентот, Талат Џафери, на обвинувањата на опозицијата дека го прекршува Уставот и Деловникот, како и Кривичниот законик.

Во документот кој го споменува Џафери се уредува под кои услови пратениците кои се во домашна изолација, а немаат симптоми, може да присуствуваат на собраниска седница и да го остварат правото на глас.

Џафери истакна дека Комисијата за заразни болести има предвидено протокол со кој се предвидува во кои услови и под кои околности може да се обезбеди присуство на пратеници болни од Ковид – 19, тие да се приклучат во работата на Собранието и да го остварат своето право да гласаат.
По изгласувањето на законите од 36. седница тие веднаш беа испратени на потпис кај претседателот Стево Пендаровски, а од кабинетот на шефот на државата потврдија дека веќе се потпишани и соопштија дека претседателот упатил апел до сите политички субјекти во иднина да се однесуваат одговорно.

Зоран Заев пак на својот фејсбук профил упати честитки.

„Мерките се за исплата на плати за работниците за месеците февруари и март, за финансиска помош за самостојните вршители на дејност, како и за ослободувања од плаќање аконтации на данокот на личен доход за месеците март, април и мај 2021 година.Упатувам честитки до пратениците од парламентарното мнозинство кои се справија со сите блокади и најдоа начин овие важни закони за граѓаните конечно да бидат усвоени Честитам и на Собранието, Претседателот Џафери и собраниските служби кои обезбедија соодветни услови за работа и кои спроведоа гласање според сите протоколи со целосна заштита на здравјето на сите пратеници и целосна изолација на двајцата позитивни.Огромни честитки и до заболените пратеници кои и во вакви околности се вложија целосно, покажаа одговорност, беа на висина на задачата и гласаа за носење на законите и во интерес на итната потреба на граѓаните!“, напиша Заев на Фејсбук.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.