На преминот „Богородица“ се чека 45 минути, за излез и за влез
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
СТРАБАГ АГ известува дека почнувајќи од 21.07.2021 година, целосно ќе биде затворен сообраќајот на делницата помеѓу клучките Штип-Запад до клучка Штип-Југ. Сообраќајот ќе биде пренасочен на веќе постоечкиот Регионален пат кој минува низ Штип преку Ново Село до клучка Штип-југ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На ГП Богородица се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање за влез и излез од државата е околу 45 минути. На останатите гранични премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 01.07.2021 започнати се викенд забраните за сообраќај на тешките товарни возила на државните патишта, како и на патниот правец Скопје – Охрид – Скопје. Повеќе информации околу забраните може да најдете на сајтот подолу, во делот за состојба на патишта.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.