Нов Правилник за риболовците, воведена и трајна забрана за ловење на „преспанска пастрмка“, „црната мрена“ и „златен карас“

Објавено: 8 јуни, 2026, во 14:20 часот

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство донесе нов Правилник со кој се воведуваат нови правила за риболов, со цел подобра заштита на рибниот фонд и одржливо управување со риболовните подрачја.

Со правилникот се утврдуваат периодите на забрана за риболов за време на мрестење, минималната дозволена големина на уловените риби, како и правилата за рекреативен и комерцијален риболов.

Меѓу поважните мерки се забраните за лов на крап и клен од 15 април до 30 јуни, на сом од 1 април до 15 јуни, на смуѓ и штука од 1 февруари до 31 март, како и на повеќе видови пастрмка во одредени периоди од годината.

Правилникот предвидува и трајна забрана за риболов на неколку заштитени и ретки видови риби, меѓу кои Преспанската пастрмка, црната мрена и златниот карас во одредени риболовни подрачја.

За рекреативните риболовци остануваат ограничувањата за бројот на риболовни трски и јадици, додека за комерцијалните рибари се воведуваат построги правила за обележување на пловните објекти и рибарскиот алат.

Од Министерството потсетуваат дека уловените риби кои не ја достигнуваат пропишаната минимална големина мора веднаш да бидат вратени во водата, а непочитувањето на правилата може да резултира со санкции и одземање на риболовниот прибор.

Дума.мк

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.