Новите министри ги презедоа функциите
По вчерашното гласање на новите министри во Собранието, тие денеска ги презедоа функциите од нивните колеги. За нови министри вчера беа именувани Кренар Лога, за министер кој ќе раководи со Министерството за правда, Фатмир Меџити, за министер кој ќе раководи со Министерството за здравство, Азир Алиу, за министер кој ќе раководи со Министерството за информатичко општество и администрација и Каја Шукова за министерка која ќе раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Во Министерството за здравство досегашниот министер д-р Беким Сали ја предаде функцијата на својот колега д-р Фатмир Меџити.
-Чест ми е што сум именуван за нов министер за здравство. Денес имав продуктивна средба со поранешниот министер д-р Сали, решен сум да ја продолжиме важната работа за унапредување и заштита на здравјето и благосостојбата на сите наши граѓани, рече министерот Меџити.
Порача дека ќе се фокусира на достапноста и ефикасноста на здравствениот систем и да ги задоволува потребите на сите граѓани.
Во просториите на Министерството за информатичко општество досегашниот министер Адмирим Алити му ја предаде функцијата на новоименуваниот министер Азир Алиу.
-Моите претходници започнаа некои навистина значајни процеси и проекти во областите како што се дигитализација, сајбер безбедност и развој на информациски и комуникациски технологии, кои заедно со новите проекти што ги подготвуваме со мојот тим, очекуваме значајно да влијаат на подобрување и позитивна трансформација на целокупниот ИКТ еко-систем во Република Северна Македонија. Силно верувам дека со многу работа, упорност и одговорност, можеме да постигнеме резултати со кои ќе бидат горди сите наши сограѓани, порача Алиу.
Досегашниот министер за правда Никола Тупанчевски денеска ја предаде функцијата на Кренар Лога. Тупанчески му посака на Лога успешна работа, реализација на голем број проекти и успех во функционирањето на Министерството за правда.
Министерот за правда, Кренар Лога, му се заблагодари на Тупанчески за неговиот досегашен придонес и најави реформи во сферата на правосудството и засилување на борбата против криминалот и корупцијата.
Дума.мк