Османи: На дело ја демонстрираме нашата солидарност
Министерот за надворешни работи Бујар Османи на Меѓународниот аеродром Скопје ја пречека првата група од 149 граѓани на Авганистан, за кои Република Северна Македонија изрази подготвеност да им биде привремено живеалиште и прибежиште.
Станува збор за вработени или соработници на меѓународната организација „Отворено Владино Партнерство” (Open Government Partnership – OGP) каде што Северна Македонија е официјално членка, лица кои биле вработени или соработници на Transparency International, World Economic Forum и други меѓународни организации, заедно со нивните семејства, со нивните сопруги, сопрузи, мажи, жени и деца.
„Солидарноста која долго време ја најавувавме – од денес почнавме да ја спроведуваме на дело! Постојано говориме дека сме домаќинска земја, дека знаеме секому да му посакаме добредојде: Денес не правиме ништо различно, денес само на дело ја демонстрираме нашата солидарност и нашето топло добредојде на оние кои им е најпотребно”, истакна министерот Османи во изјавата за медиумите.
Тој потсети дека се работи за наши сојузници, наши партнери кои 20 години соработуваа со нашата мисија во Авганистан.
„Со овие луѓе делиме заеднички вредности за слобода, за демократија, за мир и за еднаквост. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме сега, денес, веднаш – т.е. кога им е најмногу потребно”, потенцираше министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Османи информираше дека во рамките на Владата е формирана работна група за прифаќање на овие граѓани, каде партиципираат сите надлежни ресори и институции: од институциите кои покриваат безбедност и здравство, па се до институциите задолжени за логистика и транспорт, и дека целата операција на прифаќање на граѓаните од Авганистан се спроведува во блиска координација со нашите сојузници, пред сѐ администрацијата на американската амбасада, но и на меѓународните организации сите тие присутни и вечерва овде.
Министерот Османи додаде дека во рамки на договорите кои се постигнати, трошоците за сместување ги покриваат овдешните ограноци на организациите од каде потекнуваат и со кои соработувале овие граѓани во Авганистан, и дека соодветно на одлуката и задолженијата на Владата, Министерството за внатрешни работи веднаш почнува процедура за да им се обезбеди привремен престој на овие граѓани.
„Да потсетам, веќе во наредните денови очекуваме да пристигнат и останатите групи граѓани, од првично одобрените 780 лица за кои веќе дадовме зелено светло. За сите евентуални барања, Владата и работната група ќе ги разгледува, па евентуалните одлуки ќе бидат соопштени”, нагласи министерот за надворешни работи Бујар Османи во изјавата за медиумите по повод пристигнувањето на првата група граѓани од Авганистан.
Со пречекот на овие граѓани на скопскиот аеродром, волонтерите на Црвениот Крст на Република Северна Македонија им врачија првичен пакет за секој од пристигнатите со храна, вода, средства за дезинфекција, по што следуваше потоа првична здравствена контрола и соодветна асистенција на оние на кои тоа им беше потребно, како и ПЦР тестови.
Раководителката на Служба за итна медицинска помош и домашно лекување при Здравствен дом Скопје, Милица Бубало, во својата изјава за медиумите истакна дека Министерството за здравство, заедно со сите здравствени установи, е подготвени за да ја даде комплетна здравствена заштита на граѓаните од Авганистан во текот на престојот на нашата држава.
„На граѓаните ќе им биде направен ПЦР тест во однос на КОВИД-19 и ќе им биде проверен вакциналниот статус. Доколку изразат желба за вакцинација од КОВИД-19 ќе бидат вакцинирани. Доколку во текот на проверката на ПЦР тестот се констатира дека имаме позитивен/позитивни ќе се спроведе 14 дневен карантин. Понатаму во текот на самиот процес ќе биде спроведен комплетен преглед на децата и на возрасните од страна на педијатар и на специјалист интернист и ќе се оцени здравствената состојба на самите граѓани”, информираше д-р Бубало.
Таа дополни дека со првото амбулантно возило синоќа била згрижена жена во поодмината бременост, а со друго возило на Итната помош било преземено лице кое било во колапс најверојатно од премор и стрес.