Потпишан договор за нови 100 милиони евра евтини кредити, со кои ќе се поддржат 300 мали и средни фирми
Денеска заедно со потпретседателката на ЕИБ Павлова и директорот на Развојна банка Наумов, во присуство на евроамбасадорот Гир, потпишавме договор за нови 100 милиони евра евтини кредити, со кои ќе се поддржат најмалку 300 проекти на мали и средни фирми, информира министерот за финансии, Фатмир Бесими.
Според него, за нашата економија, овие средства значат нови вработувања, нови инвестиции, а со тоа и придвижување на економската активност и забрзување на економскиот раст.
„Исто така ќе одговорат на ликвидносните потреби на фирмите за обртни средства, но и ќе поттикнат долгорочни инвестиции во Република Северна Македонија, во контекст на економско заздравување и иден раст. Од претходните пет заеми од Европската инвестициска банка преку Развојната банка се пласирани средства во вкупен износ од 450 милиони евра, од кои 182 милиони евра кон компании од производствената дејност, 127 милиони евра кон компании со дејност трговија, 40 милиони евра кон компании од транспортната дејност, и компании од други дејности како – услуги, угостителска дејност, здравство, образование“, објасни Бесими.