РСБСП со апел за внимателно и одговорно возење за време на продолжениот празничен викенд
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата испрати апел за внимателно и одговорно возење за време на продолжениот празничен викенд. Потсетуваат дека искуствата од минатите години покажуваат дека за време на празници, особено за време на продолжен викенд, многу често се случуваат сообраќајни незгоди со сериозни и фатални последици.
Во соопштението истакнуваат дека сообраќајот не е место каде што треба да се троши вишокот на адреналин.
– Последиците и загубите од сообраќајните незгоди се премногу сериозни, честопати фатални и ненадоместливи, за да може кој било да си дозволи неодговорно однесување во сообраќајот. Затоа, апелираме на етичност и одговорност, како и на максимално почитување на сообраќајните правила и прописи од страна на сите учесници во сообраќајот, велат од таму.
Додаваат дека секое неправилно однесување во сообраќајот може да заврши со сериозни последици.
– Бидете одговорни учесници во сообраќајот и на тој начин придонесете доброто празнично расположение да трае и после одбележувањето на празниците. Преземете мерки за ваша и сигурност на другите учесници во сообраќајот. Безбедното одвивање на сообраќајот зависи од сите нас поединечно, од нашите лични одлуки и дејствијата кои ги преземаме, порачаа од РСБСП.