Војна со детски души!
Објавено: 27 јануари, 2013, во 16:07 часот
Севаре, Мали – Момче седи на бетонскиот под на полициската станица со колена свиткани под градите.
На неговото адолесцентско лице се чита страв. Сеуште ја носи туниката што екстремистите кои го регрутирале му наредиле да ја носи.
Адама Драбо има 16 години. Регрутиран е во група што се смета за терористичка организација. Насилниот распит што го спроведува армијата на Мали, ги открива пречките со кои се соочи Франција која се обидува својата поранешна колонија во Западна Африка да ја исчисти од борците на Ал Каеда што ја окупираа.
„Во контекст на правилата за работа, прво морате да мислите на себе. Што ако ви дојде дете што носи појас со експлозив? Што да направиш ако 12 годишник напаѓа контролен пункт?“, вели Рудолф Атала, поранешен директор во Пентагон за антитероризам во Африка, во рамките на администрацијата на Буш. „Тоа е многу тешка ситуација“.
Франција која сега на теренот има околу 2500 војници, влета во конфликтот во Мали пред две недели откако исламистички групи што го контролираа северот на земјата започнаа агресивни напади на југ. Француските војници се опремени со опрема за ноќно гледање, антитенковски мини и ласерски бомби. Но, нивниот непријател вклучува стотици деца, некои помлади од 11 години кои се регрутирани во бунтовничките редови.
Меѓу оние со кои треба да се борат француските војници се момчиња како Адама, необразовано, најстаро дете во сиромашно семејство на одгледувачи на ориз, кој до неодамна денот го поминувал во орање на полињата со волови, во близина на селото Денбугу . Живеат само на 25 километри од градот Нионо, во централниот дел на Мали кој се најде во екот на борбите на неодамна започнатата војна. Адама одговара на профилот на децата што исламистите успешно ги регрутираат.
„Проценуваме дека се регрутирани стотици деца“, вели Корин Дафка од Организацијата за човекови права.
Обединетите нации објавија дека минатата година биле пријавени најмалку 175 случаи на деца војници во северниот дел на Мали кои од нивните родители биле купени за сума од 1000 до 1200 долари за дете. Активистите за човекови права во Мали тврдат дека уште пред интервенцијата на Французите повеќе од 1000 деца веќе биле регрутирани, пренесува Associated press.
