Се повеќе се апсат новинари!
Комитетот за заштита на новинарите соопшти дека рекорден број на новинари бил затворен ширум светот во 2012 година. Состојбата, кога станува збор за слободата на медиумите, е се полоша.
Оваа група со седиште во Њујорк, во својот годишен извештај со наслов „Напад над весниците“, објави дека лани биле уапсени 232 новинари под сомнение „најчесто за тероризам но и за други антидржавни активности“.
Во извештајот е објавено дека ова е најголем број на досега уапсени новинари од првиот извештај на Комитетот објавен 1990 година, пренесе АП.
Лани додека извршувале работни задачи биле убиени 70 новинари што преставува 43 отсто повеќе во споредба со 2011 година.
„Борбата за контрола над информацијата е напад врз граѓанската одговорност кој не може да се толерира. Владите морат да им судат на виновните и да ги запрат оние кои се обидуваат да ја оневозможат јавноста да добие увид во критичкото и објективно известување,“ рече директорот на Комитетот, Роберт Махони.
Извештајот ја содржи и „Ризичната листа“ од 10 земји кои во 2012 биле најопасни за новинарите. Најсмртоносна земја сепак е Сирија каде за една година се убиени 28 новинари, пишува во извештајот.
Извор: Танјуг