Словенечката „градежна бароница“ во бекство!
Хилда Товшак, чие име своевремено се спомнуваше за можна нова премиерка откако е пуштена од притвор се наоѓа во бекство и за неа е издадена меѓународна потерница, јави словенечката новинска агенција СТА.
Потерницата ја издаде мариборскиот Окружен суд за да се влезе во трага на поранешната директорка на едно од најголемите словенечки градежни претпријатија „Веград“ од Велење кое после неразјаснета финансиска агонија заврши во стечај со долг од 450 милиони евра.
Против Товшакова (62) се водат повеќе од 10 истраги, вклучувајки исчезнување и перење на пари на 45 банкарски сметки надвор од границата на Словенија поточно во Панама, Лихтенштајн и Австрија како и за присвојување на пари од фондовите на фирмата за фамилиите на работниците, незаконито трошење пари од фондовите на ЕУ и низа други противзаконски работи.
Таа во петокот била пуштена од притвор поради наводни процедурални причини додека била под истрага во еден од повеќето судски процеси кои се водат против неа и најверојатно од тогаш се наоѓа во бегство.
Словенечкиот министер за правда Сенко Пличаниќ реагирал на веста за ослободувањето на Товшакова и нејзиното исчезнување.
– Во модерниот правосуден систем таква грешка неможе да се случи- истакнал министерот и укажал дека воколку „грешката биде потврдена“ одговорните ќе сносат одговорност.