Поп и оџа заедно ги чистеле православните гробишта во Косово Поле
Свештениците од Косово Поле, попот Никола Драгичевиќ и имамот Ремзи Годени заедно со амбасадорот на ОБСЕ Жан-клод Шлумбергер ги посетија православните гробишта. Тие прво ги пребројале оштетените гробови, а потоа ги чистеа, пренесува МИА
Со посетата и чистењето на гробиштата, двајцата свештеници упатија јасна порака до заедниците дека оштетувањето на гробовите и спомениците на починатите не е во прилог на никого.
На двајцата свештеници во акцијата на чистење на отпадот донесен од ветерот, но и од луѓе им помогнале поголем број граѓани кои доброволно дошле и ја поддржале акцијата.
– Нашата цел е да му покажеме на народот дека ние немаме меѓуетнички и меѓуверски проблеми. Треба да ја почитуваме најпрво другата за да можеме да ја почитуваме сопствената вера, посочи Годени.
– Многу сум среќен што сум меѓу двајца мажи, попот и имамот и тоа е доволен знак за да кажеме дека сме заедно, истакна Шлумбергер, додавајќи дека за гробовите, без оглед кој почива во нив, треба поголема грижа да покаже и локалната власт.