Русија ќе и испрати противавионски ракети на Сирија!
Во врска со одлуката на Москва да ја снабди сириската влада со противавионски ракети од типот S -300, рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјбаков оцени дека доставувањето на ракетите е стабилизирачки фактор кој ќе одврати некои „вжештени глави“ од размислувањето за сценарија што можат конфликтот да го прелеат на меѓународно ниво со инволвирање на странски сили, објави Гардијан.
Рјбаков ги обвини европските лидери за „разгорување на конфликтот“ и изјави дека ЕУ покажува „двојни стандарди“ и ризикува сериозни проблеми во напорите за одржување на мировна конференција.
Според Рјбаков, противавионските ракети од типот S -300 не можат да се користат против бунтовниците , затоа што тие не располагаат со авиони. Тој нагласи дека Русија ќе остане на својата цел: обезбедување на политичко решение на кризата во Сирија и дека мировната конференција и прекинот на огнот се чекори од суштинско значење за запирање на крвопролевањето.
Рускиот претставник во НАТО, Александар Грушко изјави дека Москва делува во целосна согласност со меѓународното право. „Не правиме ништо што може да ја промени ситуцаијата во Сирија. Оружјето што го даваме служи за одбрана.“