Турција: Демонстрантите се повлекуваат. Денеска двајца повредени!
Најмалку две лица се повредени денеска во операцијата на полицијата на истанбулскиот плоштад Таксим.
Напнатоста во реонот на плоштадот, на 15-от ден од антивладините протести, продолжува. Демонстрантите фрлаат молотови коктели и камења врз полицајците, кои враќаат со солзавец и водени топови.
Демонстрантите формираа жив ѕид, за да и попречат на полицијата да влезе во околниот парк Гези.
Неколку стотици полицајци од силите за брза реакција беа доведени на плоштадот со дваесет автобуси. Во реонот се чувствуваат тензии. Градоначалникот на Истанбул, Хусеин Авни Мутлу, меѓутоа, изјави дека целта на операцијата е да се симнат плакатите од културниот центар Ататурк и од споменикот на Ататурк на плоштадот.
Претходно, турски телевизии објавија дека полицајците опремени со заштитни елеци се подготвуваат да ги растурат барикадите на демонстрантите кои кампуваат во реонот. Полицајците преку мегафони уверуваа дека немаат намера да извршуваат интервенција.
Првично, полицијата и демонстрантите успеаја да се договорат дека силите на редот нема да влегуваат во територијата на паркот. Подоцна, меѓутоа, се развија судири, кои се пренесоа и во соседните улици.
Полицијата во Анкара успеа да ги убеди демонстрантите во паркот Кугулу да ги соберат поставените шатори, јави Анадолија. Специјалните единици на полицијата од рано изутринава почнале преговори со демонстрантите во паркот.
Извор: Телма