Изваден бомбардер од морето учесник во Втора светска војна!
Големо национално и меѓународно значење има германскиот бомбардер „Dorniеr17“ кој бил соборен во битката за Британија во Втората светска војна во 1940 година кој е изваден од морето крај брегот на Велика Британија.
Станува збор за единствениот преостанат авион од овој тип кој учествувал во германската воздушна офанзива врз Велика Британија во летото 1940 година.
Прекриен со школки, остатокот од авионот со голема внимателност е подигнат од дното на површината во текот на операцијата којашто внимателно ја подготвија последните пет седмици експертите од музејот на британското Кралско воено воздухопловство (RAF).
Авионот беше откриен од нуркачи во 2008 година крај југоисточниот брег на Англија, а подоцна беше утврдено дека станува збор за „Dornier 17 Z”.Тој беше подигнуван со платформа и „кафез” од метални цевки околу остатокот од авионот за да се спречи леталото да се прекрши и да се распадне при подигнувањето на површината и неговото натамошно транспортирање.
По успешното вадење од морето следува операција за внимателно реставрирање по што авионот ќе биде изложен во музеј во знак на сеќавање на германските и британските пилоти учесници во војната.