Грчките новинари не ја послушаа владата!
Новинарите од државната телевизија ЕРТ не ја испочитуваа одлуката на владата за затворање на телевизијата како дел од последните буџетски кратења што како краткорочни мерки и се наметнати на земјата, пренесе Гардијан.
ЕРТ вчера престана да емитува програма во одделни региони кога се затемнија екраниете и проструи веста за отпуштање на 2500 вработени.
Се чини дека во модерната ера ова е прв случај влада да затвора национална телевизија во Европа што предизвика осуда и внатре во земјата, но и во странство.
Вработените во ЕРТ успеаа да ја одржат програмата во текот на ноќта и продолжија да емитуваат на интернет додека илјадници демонстранти протестираа пред телевизијата лоцирана северно од Атина.
Водечката конзервативна владина коалиција во Грција објави дека кратењата се направени со цел да се прекине со „неверојатното расфрлање“ и дека подоцна планираат да отворат помала национална телевизија.
Но, опозицијата имаше жестока реакција на затворањето на ЕРТ што веќе прераснува во најголема политичка криза од доаѓањето на власт на владејачката коалиција./Н.Р