Директорот на ФБИ: Користиме беспилотни летала, само за надгледување!
Роберт Милер изјавил дека Бирото ги користело леталата за надгледување, во ограничен број на случаи, над територијата на САД, пренесе Би Би Си.
Тој ова го изјавил пред комитетот на американскиот Сенат и додал дека ФБИ има многу ограничен број на беспилотни летала, дронови, како и дека многу ретко ги користи.
Денешната изјава на Милер со која признава дека ФБИ користел дронови е дадена во време кога во САД се води дебата за електронскиот надзор откако беше откриено масовното прислушување преку интернет и телефон, потсети Би Би Си.
Милер, кој се повлекува од функцијата по 12 години, употребата на дронови ја опишал како ограничена само во специјални или инцидентни случаи и додал дека не е сигурен колку долго се чуваат снимките кои ги снимаат леталата.
Таков дрон бил користен во инцидентот кој во февруари, годинава, се случи во Алабама кога еден човек го уби возач на школски автобус и потоа киднапираше петгодишно дете, објавија американските медиуми.