Софија: Демонстрантите „на кафе“ пред зградата на Министерскиот совет!
Со барање да му се одземе имунитет на крајно десничарскиот пратеник Волен Сидеров денеска протестираа десетици млади Бугари пред Палатата на правдата во Софија, пренесоа бугарските медиуми. Тие на протестот му се обраќаа на генералниот обвинител на Република Бугарија.
– Се собравме на господинот Качаров да му кажеме дека постои еден сувишен имунитет на пратеник во бугарскиот парламент – тој на Волен Сидеров – рекоа демонстрантите.
Нивниот синоќешен протест го поддржаа Бугари кои живеат надвор од земјата. Стотина се собраа пред конзулатот во Њујорк и најавија продолжување на протстот пред седиштето на Обединетите нации во Њујорк.
Протестите во Бугарија се одржуваат во изминатите седумнаесет дена. Почнаа поради незадоволство од именувањето на контроверзниот пратеник Дељан Пеевски за директор на Државната агенција за национална безбедност а кога беше повлечен од страна на Парламентот протестите продолжија со барање за оставка на Владата и промена на на политичкиот модел во Бугарија.
Таму секоја вечер протестираат помеѓу 7 и 10 илјади граѓани.