Продолжуваат уличните борби во Египет!
Десетици луѓе загинале, а повредени се стотици лица во уличните борби меѓу приврзаниците на соборениот египетски претседател Мохамед Мурси во текот на вчерашниот ден и ноќта.
Според официјалните податоци на египетските власти, најмалку 17 лица загинале во крвавите судири во повеќе градови ширум земјата, а околу 300 лица биле повредени. Други извори говорат за најмалку 26 загинати. Улични борби меѓу противниците и следбениците на доскорешниот претседател Мохамед Мурси во текот на изминатата ноќ имало во главниот град Каиро, потоа во вториот по големина град во Египет – Александрија, а беше јавено и за судири во Суец и провинциите во делтата на Нил, Дамиета и Бехеира. Египетската армија се обиде на повеќе места со масивна интервенција да ги држи разделени двата непријателски табори. Во Каиро, инаку, за поттикнување на насилство беше уапсен Хаират ал-Шатер, кој важи за главен стратег на исламистичките Муслимански браќа, на кои им припаѓа и соборениот претседател Мохамед Мурси.
Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун, во меѓувреме изрази загриженост поради насилството меѓу демонстрантите, билансот на настрадани во безредијата и „ужаснувачките извештаи за сексуално насилство“ . Бан ги предупреди Египќаните од последиците од натамошно „одмаздување“. „Сите важни партии и заедници мора да покренат демократски дијалог и да бидат вклучени во мирен политички процес“, порача генералниот секретар на ОН.
