Владата предлага закон со кој се дозволува извоз на марихуана
Владата на Северна Македонија го утврди Предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанци, што треба да овозможи извоз на сув цвет од канабис.
Предлогот, се наведува во соопштението на владината прес-служба, овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување канабис во медицински цели, со тоа што на одгледувачите на канабис им се дозволува на веќе произведените количини на сув хербален производ да ги пласираат како наркотична дрога на пазарите во Европа и пошироко.
Посочено е дека извозот на сув цвет од марихуана од Македонија ќе се изврши во согласност со меѓународните конвенции и европското законодавство, со кое се регулира таа материја.
Една од новините во предложеното законско решение е формирање на Агенција за контрола на одгледување и извлекување канабис и производство на препарати од канабис и канабис за медицински и научни цели.
Решенијата во Предлог законот за наркотични дроги, посочува владата, покрај тоа што се усогласени со правото на ЕУ и меѓународните акти, содржат и свои национални решенија кои се во функција на регулација и соодветна практична примена, кои ќе обезбеди подобра контрола на наркотични средства и психотропни лекови, супстанции.
Предлагачот на законот наведува дека друга новина е воведувањето на обврската компаниите со лиценца за одгледување канабис за медицински цели да плаќаат 10 проценти од нето добивката на посебна сметка во државниот буџет.
Парите, прецизирано, ќе бидат наменети за проекти од јавен интерес, како што се поддршка на фондот за ретки болести, поддршка на медиумскиот фонд, како и програмски приоритети во спортот, културата и граѓанскиот сектор.
Во Македонија, производството и продажбата на производи од канабис за медицински цели е дозволено со закон од 2016 година.