ЗНМ, ССНМ и СЕММ побараа од владата подобри услови за работа на снимателите и фоторепортерите при покривање настани
На иницијатива на претставниците на секцијата на сниматели при ЗНМ и фоторепортерите, денеска се одржа средба со Генералниот секретар на Владата г-дин Мухамед Зеќири на која присуствуваа и претставници на ЗНМ, ССНМ и СЕММ.
Поттикнати од последните инциденти со посетата на бугарската делегација во Владата, на која медиумските работници немаа соодветни услови за работа на средбата беа дискутирани и презентирани проблемите и предизвиците со кои се соочуваат снимателите и фоторепортерите на настани организирани од страна на Владата. Снимателите и фоторепортерите потенцираа дека е потребно да се најде сериозно решение во контекст на почитувањето на здравствените протоколи за медиумско покривање на настани во затворен простор.
Со оглед на тоа што проблемите со условите за известување не се изолирани беше побарано да се направи посебен протокол или правилник преку кој македонските новинарски екипи нема во иднина да бидат дискриминирани на сметка на странските новинари или на претставници на владините прес служби. Владата во иднина кога има таков тип на настани за медиумите треба да обезбеди соодветни услови за нивна работа.
Беше истакнато дека е потребно сите информации од страна на владата и јавните институции без разлика дали станува збор за текст, фотографија или видео материјал да бидат јасно означени дека станува збор за владин материјал со воден жиг. На овој начин јавноста од една страна ќе биде свесна и ќе прави разлика што е владина информација а што е медиумска, а од друга страна и медиумите нема така лесно да копираат информации кои не се нивни.
На средбата беше договорено во следниот период да се реализира уште еден состанок каде ќе се прецизираат заклучоците и ќе се имплементираат конструктивните предлози во форма на протоколи за да се избегнат вакви непријатни ситуации во иднина.
Овие активности имаат за цел да се подобрат условите за работа на медиумските работници што на крај треба да придонесе и за послободно и попрофесионално известување.