Во Белград откриен грандиозен споменик на Стефан Немања, висок 23 метри (ВИДЕО)
28.01.2021
Синоќа , во Белград беше откриен грандиозен споменик на српскиот средновековен владетел Стефан Немања. На настанот присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и претседателот на Република Српска, Милорад Додик, но и многубројни граѓани.
На насобраните луѓе им се обратија и Вучиќ и Додик. Српскиот претседател рече: „Се трудевме да ја обновиме Србија, но и да ја вратиме вербата во себе“.
„Местото на кое стојам некогаш беше срам за сите, а вечерва сум среќен затоа што тука каде што стојам, на улицата Немањина, се наоѓа храмот на свети Сава. Успеавме да го осликаме, а така ќе го обновиме и Хиландар и цела Србија. Успеавме економски да ја обновиме земјата и национално да ја воздигнеме“, рече Вучиќ додавајќи дека во власта се прашувале дали 23-те метри колку што е висок споменикот се доволни за да ја одразат големината на Стефан Немања и неговото значење за српскиот народ.
„До него ние бевме племе. Ова не е само чин на откривање на таткото и творецот на државата, ова е еден вид чин на грижа за нас и нашиот идентитет. Да застанеме тука пред големиот Стефан Немања, значи еден вид покајание за сите години што ги заборавивме“, истакна Вучиќ.
Овој споменик, вели тој, е одличен затоа што приказната за нас е одлична.
Во прилог е видео од откривањето на споменикот кој е висок 23 метри.
Мите Јаначков