Истражување: Речиси половина од Европејците немаат физичка активност
Според последниот Евробарометар, 45 отсто од Европејците немаат никаква физичка активност.
Последното мерење на јавното мислење во Европа го објави денеска Европската Комисија во пресрет на Европската недела на спортот.
Анкетата покажува дека само 38 отсто од граѓаните во ЕУ имаат редовна физичка активност барем еднаш во неделата, 17 отсто помалку од еднаш неделно, а 45 отсто немаат никаква физичка или спортска активност.
Според Европската Комисија граѓаните во ЕУ дополнително ја намалиле својата физичка активност за време на пандемијата со ковид.
Анкетираните рекле дека главна причина зашто не се физички активни е што немаат време, втор одговор е недостиг на мотивација, а на трето место велат дека спортот не ги интересира. Третина од анкетираните рекле дека претпочитаат да вежбаат дома.
Европската Комисија вели дека ќе продолжи да работи на освестување на сите граѓани за важноста од активен и здрав начин на живот.