Биба Додева за Дума.мк: Немам обичај да солам памет оти не сакам тоа мене да ми го прават!
Дума.МК: Oна што беше најактуелно периодов со Биба беше шесната Прашај ме, настапи на Охрид Фест, доби три награди. Спотот беше промовиран, а песната прогласена за една од најслушаните македонски песни на радискиот фестивал Марс 2012. Како се чувствуваш и дали си задоволна со титула ?
Биба: Па јас сум многу задоволна, еве сега утре дефинитивно ќе се случува изборот која од 15-те највртени ќе биде прва меѓутоа и да бидеш дел од нив од најслушани песни во Македонија е голем успех. Годинава имавме доста добра продукција и многу нови песни и албуми излегоа и навистина е голем успех за мене особено затоа што на песната јас сум и автор и композитор и изведувач. Тоа за мене преставува голема мотивација за понатаму да создавам нови песни.
Дума.МК: Сними и спот во кој ни раскажа една убава љубовна приказна, кој го работеше?
Биба: Јас сум многу задоволна бидејќи спотот не е класичен, има малку повеќе уметнички сцени, кадри и повеќе ја изнесува емоцијата од самата песна. Добар спот, гледам доста го вртат. Режијата и сценариото се на Дарио Јанковиќ.
Дума.МК: Покрај радискиот фестивал, она што пред неколку недели се случуваше беше Макфест. За песната што ја изведе напишаа дека е прекрасна, настапот исто така, како си ти задоволна од сето тоа,сега кога се заврши?
Биба: Јас сум задоволна, сепак нели публиката ја забележа и гледам одлично се слуша. „Сети се штом заврне“ е малку поинаква балада, потсетува на старите македонски шлагери, едноставно песни што остануваат. Третото место од публика кое го освоив е навистина исто така добар показател дека оваа година не дека ми тргна ама изгледа со песните го погодив вкусот на публиката.
Дума.МК: Дали тоа значи дека Биба се враќа со полна пареа?
Биба: Па јас веќе се враќам со полна пареа иако тоа не го нагласувам. Со оглед на тоа што веќе еве до ноември имам четири ,а сега во подготовка е и петтата песна, па тоа е скоро половина албум. Годинава навистина сме турбо, работиме со целиот тим односно Дарко Тасев како еден од главните композитори кој што ќе се јавува на тој албум, продукцијата ќе биде на Злато Симионски од До-Ре-Ми каде што и се снима целиот албум. Инаку соработувам и со Весна Малинова и со Кире од Нокаут. Пред се добро е што сум навистина задоволна. Очигледно е дека знаев што и недостига на публиката, слушателите знаеја тоа да ми го кажат и на фејсбук, па еве оваа година ќе има доста нови песни, а гледам и дека сум им го погодила вкусот.
Дума.МК: Песната „Сети се штом заврне“ е една убава емотивна балада, како ти ја доживуваш?
Биба: Да тоа е прекрасна љубовна композиција, обично за сите песни ме прашуваат бидејќи имаат интересни пораки дали се мои лични авторски, не мора самата приказна да биде авторска, но ако јас не ја чувствувам песната не ни ја пејам. Не мора самата приказна да е лично авторска, но доколку не ја чувствувам емоцијата тогаш јас не ја пејам. Еве и оваа е одлична композиција Ристо Самарџиев направи одличен текст на песната, музиката и аранжманот се на Владимир Дојчиновски Дојчин.
Дума.МК: Како се случи соработката со хорот со кој што настапи на сцена?
Биба: Па, едноставно во последниот рефрен самата песна бараше еден таков хор. Тие се млади дечки од хорот при Факултетот за Музичка уметност на Универзитетот Гоце Делчев во Штип. Имавме одлична соработка, децата одлично испеаја и тоа доста ја покажа моќноста на сцената.
Дума.МК: Планираш видео запис за оваа песна?
Биба: Не, одлучив да ги искористам кадрите од настапот бидејќи навистина се импресивни а и сцената, оваа година, на Макфест беше одлична.
Дума.МК: Во твојте интервјуа не сакаш да говориш за твојот приватен живот, некои медиуми ја пренесоа веста за твојот развод дали си им лута на тоа ?
Биба: Не не, видете, јас во принцип не зборувам многу. Не чувствувам потреба мојата музичка кариера која што овие дваесет години ја градам да влијае на приватниот живот. Сметам дека воопшто не е важно дали сум ја бојадисала косата, дали сум се здебелила или ослабела, дали сум се развела или имам нов дечко, тоа е моја лична приватна работа. Знам дека како јавна личност тоа ги интересира луѓето. Не е тоа радозналост, туку луѓето кога те сакаат знам дека сакаат да знаат се за тебе. Но, тоа е моја приватна работа, мојот живот е мој личен и приватен затоа се трудам да не го мешам во јавноста.
Дума.МК: Тоа значи дека до сега не те повредил никој текст напишан за тебе, или можеби измислен ?
Биба: Воопшто не се заморувам со тоа, немам време за такви работи. Нешто големо да се случи да кажеме да влијае на мојот идентитет на мојот кредибилитет како пејач, како претседател на здружението Борка, мпа да се замислам но за другото, па нека зборуваат.
Дума.МК: Планира ли Биба наскоро да не изненади со уште нешто?
Биба: Се надевам, со уште една песна и потоа со албум. Инаку доста настапувам и со здружението Борка, со розовиот караван, а до нова година има доста работи кои допрва ќе ги откриеме.
Дума.МК: МТВ сеуште не го открила претставникот на Евровизија, дали можеби Биба е нашиот следен претставник ?
Биба: Не знам, значи јас мислам дека со тоа калкулираат затоа што доста луѓе рекоа дека на Евровизија треба да се оди со песна како што е „Сети се штом заврне“. Не дека не ми се предизвик фестивалите, немам ништо против да ја претставувам Македонија, но што ќе биде ќе биде. Јас немам информација. Доколку навистина некој смета дека јас сум вистинскиот изведувач кој треба да ја претставува Македонија и ми дадат задача тогаш секако дека ќе ја извршам.
Дума.МК: Што за крај би им порачала на читателите на Дума.мк?
Биба: Драги читатели јас прво би сакала да ве поканам да одвоите време и дојдете на едукативните предавања на здружението на Борка и да учествувате во Розовиот караван затоа што ќе слушнете многу информации со кои ќе знаете како да се грижите за своето здравје посебно за ракот на дојка. Инаку немам обичај многу да солам памет, можеби затоа што јас не сакам мене некој да ми го прави тоа. Па вака за крај ќе кажам уште ова живејте го животот онака како што посакувате и правете ги работите кои што ве прават среќни. Везете, плетете, пејте и правете што вие сакате затоа што тоа е ваш избор, едноставно негувајте се себеси и својот дух.