МРТ: Спотот за Евровизија не ги задоволува стандардите
Објавено: 1 март, 2013, во 12:34 часот
Видео записот на Есма Реџепова и Влатко Лозаноски за песната „Империја“ е повлечен од Јутјуб. Спотот за кој јавноста коментираше дека е промотор на зданијата на проектот „Скопје 2014“ е отстранет од сите канали на „Јутјуб“, пренесува Дневник.
Шефот на Евровизиската делегација на Македонија, Љупчо Мирковски објаснува дека МРТ како и минатата година, дозволи целосна слобода во креативниот пристап и реализацијата на видео записот за песната којашто годинава ќе ја претставува Македонија на Изборот за Песна на Евровизија 2013 – во Малме, Шведска .
„Како официјална членка на ЕБУ, МРТ смета дека видео записот комплетно изработен од „Егзит Б“ Продукција, не ги задоволува стандардите и критериумите за достојно представување на Македонија пред евровизискиот аудиториум и се оградува од истиот, кој поради програмската најава за директниот пренос на 27 февруари, мораше да биде емитуван“, велат од МРТ.
МРТ децидно тврди дека : ниту го постирала , ниту го одстранила спорниот видео запис од било која веб-страна на Интернет.
Како носител на лиценцата за евровизискиот проект, МРТ ги има сите права за корекции и промени на комплетниот национален Евровизиски пакет, се до крајниот термин : 18 ти март 2013 та година , кога истиот треба да се предаде на ЕБУ.
МРТ се оградува од сите шпекулации и изнесени невистини во јавноста , за инволвираноста во идејното решение и реализацијата на видео спотот и сериозно размислува, за одпочнување на постапка за заштита на интересите и интегритетот на јавниот радио дифузен сервис.
