Кучето Томи е сведок дека кучињата се најверниот пријател на човекот!
Кучето Томи, чија сопственичка почина пред два месеци, од нејзината смрт наваму не пропушта ниту една миса во малата црква каде неговата сопственичка редовно одеше додека беше жива и во која беше одржано опелото за нејзината смрт.
Штом околу 17 часот ќе се огласат црковните ѕвона од Санта Марија Асунта, во местото Сан Донациј во Бриндизиј, 12-годишниот германски овчар трча кон храмот и седнува пред олтарот.
Одењето на миса Томи го одбегнува единствено ако врне дожд. Свештеникот дон Донато Пана на мирниот четириножен ’верник’ му дозволува да присуствува на сите миси.
Сопственичката на Томи која локалните жители ја нарекуваа ’Марија од полето’, живееше сама со четири кучиња скитници кои ги имаше вдомено.
Миленик на Марија беше токму Томи кој секогаш ја следеше во нејзините прошетки, и како што пренесува IlMessaggero, со неа редовно одеше во продавница или во пекара.
Додека Марија беше жива, Томи секогаш трпеливо ја чекаше на влезот од црквата додека таа беше внатре, а откако дон Пана му дозволи на Томи да влезе во црквата на денот од нејзиниот погреб, кучето е редовен посетител на црковните миси, независно дали станува збор за венчавка, крштевка или погреб.
Посебно интересни и драги му се погребните поворки. Штом ќе забележи некоја таква, Томи веднаш мирно се вклучува во истата, веројатно надевајќи се, како што пренесува споменатиот медиум, случајно да не се појави од некаде неговата сопственичка која на напуштените кучиња скитници им пружи толку многу љубов.
После смртта на Марија, за Томи се грижат сите селани од малото место во близина на Бриндизиј.