Тетовирани очи – нов тренд во светот
Контактните леќи со живи бои или оние со кои се добива поглед на тигар или на некоја друга дива мачка веќе се општоприфатен тренд во ноќните клубови низ светот, а оние што се подготвени за екстремна телесна модификација во последно време се одлучуваат за трајно боење на белките во очите. Тетоважите на очите се релативно нов тренд во светот на телесната модификација, кој се смета за особено екстремен бидејќи оваа опција е трајна, а долгорочните последици на видот се уште не се познати.
Канаѓанецот Рус Фокс, кој се занимава со телесна модификација и тетоважа на очите, го објаснува целиот процес.
– Почнав да вежбам на свежи свински очи што ги набавив од локалната месарница, а во тоа ми помагаше пријател кој веќе има искуство со оваа техника – вели Фокс.
По многу вежбање бил спремен за првиот муштерија и зафатот поминал без проблем, а човекот подоцна се вратил да го обои и другото око.
Процесот на тетовирање на очите во суштина нема многу врска со класичното тетовирање бидејќи се заснова на вшприцување боја во белката со помош на шприц, а сликаријата засега е ограничена единствено на мешање на бои.
– Што се однесува до нуспојавите, засега е познато дека во случај на вшприцување преголема количина мастило може да дојде до главоболка, чувствителност на светлина и прелевање на трајното мастило на околното ткиво. Ова и понатаму е експериментален зафат и не треба луѓето да го земаат здраво за готово, а тие што сакаат ваква телесна модификација би требало да се сигурни во способноста на својот тату-мајстор – објаснува Фокс./В.Р