Како кафето го освои светот?
Први производители на кафе се арапските земји. Најдоброто кафе, познато под името Arabica, помина долг пат за да стигне до кафулињата на секој чекор во светот.
Кога некој во Европа ќе спомене кафе обично се мисли на италијанското еспресо или француското cafe au lait иако кафето се прозиведува во подрачјата со топла клима како Јужна Америка, субсахарска Африка, Виетнам и Индонезија, па луѓето многу често погрешно помислуваат дека тоа е производ на новиот свет. Вистината е дека кафето потекнува од висорамнина на југот на Црвеното море, Јемен и Етиопија. Кафето низ светот почнало да се шири во 16 и 17 век. Првото кафе, од зрна на диво растение, го пиеле етиопските овчари а првото производство на кафе се случило во Јемен чии жители и му дале име “kahva”, од што потекнуваат и сите варијанти на името. Зборот “kahva” прво значел „вино“ а суфиските мистици го користеле како би ја подобриле концентрацијата и духовна интоксикација, пишува BBC.
Ширење по арапските земји
Кафето до 1414 година станало познато во Мека а на почетокот на 16 век од јеменското пристаниште доаѓа во Египет. Куќата на кафето потоа се шири и во Сирија а потоа во Отоманското царство во 1554 година. Во Мека, Каиро и Истанбул,верските власти се обиделе да ја забранат употребата на кафето откако суфијците се расправале дали кафето има исти ефекти како алкохолот а некој рекол дека кружењето на ѓезвето со кафе има нешто заедничко со кружењето на бокал вино.
Куќите на кафето станале институции во кои мажите можеле да разговараат, да слушаат поети или да играат шах и табла. Тие станале центар на интелектуалното живеење и биле конкуренција на џамиите како централно место за собирање на луѓето. Некои научници од тоа време тврделе дека куќите на кафето се полоши од винските подруми. Сепак сите обиди да се забрани кафето пропаднале дури и за време на владеењето Мурат IV кога пиењето кафе се казнувало со смрт. Верските научници на крај заклучиле дека кафето во принцип треба да биде дозволен производ за конзумирање.
Во Европа кафето се проширило преку Отоманската империја а минало низ слични проблеми и обиди за забрана. На почеток, на кафето се гледало како на муслимански пијалак се додека во 1600 година не го пробал папата Климент VIII кој рекол дека ужива во него и како не треба да се дозволи монополот да го имаат муслиманите. Во Виена, од времето на турската опсада па се до денеска останала навиката пиење кафе со чаша вода. Ваквиот начин на пиење кафе потоа е прифатен низ поголем број на земји низ Европа. Во Грција е грчко,во Босна и Херцеговина босанско а тука се и Египет, Либан, Сирија ,Палестина, Јордан…
Разни традиции на пиење кафе
Пиењето кафе во арапскиот свет има различна традиција. Кафето во Персискиот залив е горко и понекогаш се пие со кардам и други зачини. Обично се служи малку подоцна откако ќе дојдат гостите. Доколку се послужи веднаш тоа би било непристоен израз на добредојде. Кафето се служи само пред заминувањето на гостите и тоа пред или после шолја црн и засладен чај.
За жал иако кафето стана барано ширум светот, производството во неговата татковина Јемен драстично опадна. Земјата стана жртва на евтиниот увоз и ширење на плантажи со наркотици. Иако постојат обиди за оживување на производството на најдобро кафе во неговата татковина, денес повеќе ниедна од арапските земји не се наоѓа меѓу значајните светски производители на кафе.