Љубовните писма на Великаните

Објавено на 2 август, 2014 во 08:08

Некогаш мажите освојувале со зборови, со љубовни писма низ кои протечувале најслатките љубовни зборови. Денес многу мажи ќе се насмеат на ова, ама тогаш најсилните, најголемите великани, ја отворале душата и пишувале писма од кои секое женско срце се топи и разнежнува. Ако не ми верувате, еве прочитајте и сами и уверете се.

Од Наполеон Бонапарта за Жозефина

За Жозефина во Милано,
Пратено од Верона, на 13. ноември, 1796 год.
Веќе не те сакам. Напротив, те мразам. Затоа што си ужасна, многу чудна, многу глупава, речиси сосем слична на Пепелашка. Воопшто не ми пишуваш, не си го сакаш мажот.

Знаеш колкаво задоволство му претставуваат тие писма, а не му пишуваш ни шест реда, барем, потамина начкртани. Што правите тогаш по цел ден, госпоѓо? Што е тоа толку важно што ви го одзема времето што би можеле да го поминете пишувајќи му на својот блескав љубовник? Какви чувства ја задушуваат и ја потиснуваат љубовта, нежната и вечна љубов, таа што ми ја ветивте? Кој може да биде новиот величествен љубовник што ги впива сите ваши моменти, што ве мачи, секој ден, и ве спречува да бидете загрижена за својот маж? Жозефина, чувајте се, една убава ноќ вратата ќе се отвори и јас ќе бидам таму. Вистина е дека сум вознемирен, добра моја amie, поради тоа што не добивам новости од вас. Напишете ми брзо четири страници, и кажете ми ги оние мили работи што ќе ми го разнежнат срцето со чувства и со задоволство.

Се надевам дека набргу ќе ве стегам во прегратка и дека ќе ве опсипам со милиони пламени бакнежи како под Екваторот.

Бонапарта

Од Бетовен за Антонија

Добро утро, 7. јули

Дури и в кревет, моите мисли копнеат по тебе, бесмртна моја љубена, некогаш радосна, потоа пак тажна… ја очекувам судбината, да видам дали ќе нè задоволи. Единствено можам да живеам со тебе, или воопшто да не живеам. Да, решен сум да скитам, толку долго и толку далеку, сè додека не смогнам да долетам во твојата прегратка и да се најдам дома со тебе, каде што твојата душа ќе ја прегрне мојата, во кралството на душите – да, жалам, мора да биде така. Ќе го сфатиш тоа подобро кога ќе знаеш колку сум ти верен. Никогаш ниедна друга нема да го има моето срце, никогаш – никогаш! О Боже, зошто човек мора да си оди од таа што толку ја сака, зошто мојот живот во Б., каков што е сега, е беден живот. Твојата љубов во ист миг ме прави најсреќен и најнесреќен човек на светот. На моја возраст, потребна ми е постојаност, идентичност на животот. Може ли да постои тоа во нашите околности? Ангеле, штотуку слушнав дека поштата се праќа секој ден – па затоа морам веднаш да завршам, за да го добиеш писмово веднаш, Биди во мир – сакај ме… денес… и вчера.

Моите солзи се полни копнеж по тебе, животе мој, мое сè, збогум. О, продолжи да ме сакаш и никогаш не сомневај се во најверното срце.

На твојот сакан

Л
Засекогаш твој.
Засекогаш свој.
Засекогаш наш.

Можеби сега и Вие ќе добиете инспирација за да напишете едно љубовно писмо.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.