Нарциси, егоцентрици и егоисти

Објавено на 21 август, 2014 во 06:58

Нарцис… Чест израз на денешницава. Најчесто употребуван во негативен контекст. Во нашево затворено општество, зборот нарцис се смета за навреда. Нарцисите се арогантни, бесрамни, склони кон експлоатација на останатите. Егоисти и егоцентрици. Од друга страна, охрабрувани сме да сме самоуверени и да веруваме во себе. Охрабрувани сме да се сакаме самите себеси. Која е границата? Како да знаеме дека сме ја преминале границата на „дозволената доза“ на љубов кон самите себе и сме навлегле на нарцистичка територија? Како да ја задебелиме таа граница? Или можеби границата е фиктивна? Можеби токму таа остра, цврста самодоверба го прави нарцисот поголем од другите.

Самогенерираната вредност е впиена од толпата и прифатена како таква многу почесто отколку што е критички разгледана и отфрлена. Луѓето се залетуваат по гласни работи. Го загризуваат мамецот кој им е подаден. Луѓето што се прикажуваат како убави, паметни, *придавка по твој избор*, тие имаат поголеми шанси да бидат запомнети како такви. Оставаат позитивни темели врз кои се гради позитивно мислење во иднина. Човек кој не се сака себеси не може да очекува да го сака некој друг. Мала доза на ароганција само му дава шмек на целиот однос. Супериорното поставување го дава ефектот на неосвоивост и *надвор од мојата лига* чувството. Сите луѓе го сакаат она што не можат да го имаат.

Можеби крајната вљубеност во самите себе е болест. Секоја неконтролирана љубов е болна, во секој случај. Секоја крајност е болна. Ако умереноста е спротивно од болна, тогаш умерениот нарцисизам е спротивно од одбивен. Ако љубовта генерално земено е позитивно чувство, тогаш нема зошто нарцисизмот да е негативен.

Аминиј бил вљубен во горделивиот и бесчувствителен Нарцис, но Нарцис студено го одбил давајќи му меч како подарок.

Аминиј го искористил мечот и се самоубил на Нарцисовиот праг, молејќи се на Немезида еден ден и Нарцис да почувствува болка од невозвратена љубов. Таа клетва се исполнила кога Нарцис се вљубил во сопствениот одраз во езерото. Се обидувал да го заведе прекрасното момче, не сфаќајќи дека тоа е всушност тој самиот. Тоа го сфатил дури кога се обидел да го бакне. Го земал својот меч и се самоубил од тага. Неговиот труп потоа се претворил во цветот нарцис.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.