Предвидувања на светски астролози за Ковид 19
Бидејќи стравот од коронавирус се шири побрзо од болеста, а луѓето, на глобално ниво, поставуваат повеќе прашања отколку што добиваат одговори, астролозите со своите предвидувања „прочитани“ од ѕвездите, во овој период се во центарот на вниманието.
Дури и најголемите скептици во ова време на коронавирусот, ѝм обрнуваат внимание на астролошките прогнози. Ништо не може да го илустрира ова подобро од еден коментар објавен под видеото на индискиот астролог Ашиш Мехта, постирано на Јутјуб, каде скептичниот слушател вели дека до сега не ја сфаќал астрологијата сериозно, но овојпат сака да биде вистина тоа што го зборува Мехта.
Астрологот Мехта, кој е еден од најпочитуваните астролози во Азија поради неговите досегашни прецизни прогнози, предвидува дека работите со ситуацијата околу коронавирусот ќе почнат полека да се расчистуваат почнувајќи од 24 март, благодарение на планетарните движења, а првите резултати ќе почнат да се чувствуваат до 30 март.
Мехта предвидува дека од 13. април, а особено со затоплувањето на времето, ситуацијата ќе биде подобра, лекот за коронавирус ќе биде одобрен и светот полека, но сигурно, потоа ќе се враќа во нормалност.
– Деновиве многу луѓе прашуваат за коронавирусот. Од љубопитност или од страв, сите прашуваат сега што следно? “ вели Мехта. – Секој вирус се раѓа од конјукциите на Раху или Кету ( според индиската астрологија – невидливи планети што застануваат на патот на движењето на Сонцето и Месечината, н.з), а поради комбинацијата на Гуру (Јупитер) и Кету, ова станува уште поинтензивно, вели астрологот.
Мехта укажува на планетарните позиции за ширење на коронавирусот од Кина до останатиот дел на светот.
– Но, за среќа, на 30 март, Гуру го напушта сојузот со Кету и влегува во Јарец. Тоа значи дека после 30 март, сите ќе бидеме ослободени од ефектите на коронавирусот. Оваа промена ќе започне од 14 часот и 58 минути на 24 март, објаснува Мехта.
Според некои астролози пак, од Обединетите Арапски Емирати, сепак, за целосно ослободување од коронавирусот, ќе треба да почекаме малку подолго.
Астрологот Бхаргава од Дубаи предвидува дека ситуацијата со коронавирусот во светот ќе се смири на 11. мај. Она што сега се случува, го припишува на транзициите на Сатурн (на 18. септември минатата година и на 24. јануари оваа година) и на Јупитер на 5. ноември. Според Бхаргава, овие транзиции го објаснуваат колективниот пресврт. На овие планети ја додава и планетата Марс, сместена во куќата на Скорпија, која управува со физичкото и менталното здравје. Целата оваа планетарна поставеност, според Бхаргава, предизвикува несреќи кои можат да бидат природни или вештачки создадени.
Друг пак, астролог, исто така од Дубаи, Упендра Шастри, вели:
– Кету е главниот фактор за создавање на коронавирусот. Астролошкото влијание за појава на вирус всушност започнало на 5. ноември 2019 година, кога планетата Јупитер влезе во куќата на Стрелец.
Според Шастри, комбинацијата на Кету, Јупитер и Стрелец предизвикала појава на вирус. Планетата Јупитер пак (која предизвикува ширење), предизвикала коронавирусот со голема брзина да се прошири низ светот.
Лекот за ситуацијата овој астролог го гледа во транзитот на Јупитер во Јарец од 30 март до 30 јуни.
– Кога тоа ќе се случи, Јупитер ќе стане слаб, па и коронавирусот веројатно ќе стане слаб и во обој период ќе го видиме лекот за вирусот. Исто така, во овој период ќе се намали негативното влијание на вирусот. Работите ќе имаат позитивен пресврт од мај па натаму, смета Шастри.
Симона Бруни, познат италијански астролог, предвидува дека светлина на дното на тунелот ќе видиме околу 20 март, кога Месечината ќе биде во знакот на Јарец, со транзит на Јупитер и благодарение на конјукцијата со Марс и Јупитер. На крајот на март, со влегувањето на Сатурн и Марс во знакот на Водолија, ќе може да се земе мала воздишка. Сатурн и Марс кога нема да бидат веќе во Јарец, туку ќе преминат во Водолија, ќе донесат нови промени што полека ќе нè носат кон нов историски и животен циклус. Уран (планетата на промените) ќе биде во Бик, кој, исто така, ја нагласува бавноста, и затоа ситуацијата ќе се подобри кога ќе се формираат други, похармонични планетарни аспекти на астролошкото небо што треба да се случат, според Бруни, околу 23 март.
– Треба да се внимава кога Сонцето ќе влезе во знакот на Бик, на 19 април, затоа што ќе биде во конјукција со Уран и Меркур (ќе влијае на дишните патишта и белите дробови), – нагласува таа и додава да бидеме внимателни до крајот на април.
Бруни смета дека со 19 април се поврзува нов удар на коронавирусот, кој ќе биде последен, пред вирусот конечно да исчезне.
– Ефектите на коронавирусот нема да исчезнат волшебно и последиците ќе ги чувствуваме подолго време. Сатурн и Јупитер, и двете планети ќе престојуваат во знакот на Водолија на крајот на 2020 година и ќе донесат свеж воздух во многу области, дури и на глобално ниво до 2023 година.