Обележана Атиџе, третата единка од балканскиот рис, во Национален парк „Маврово“
Македонското еколошко друштво во соработка со НП „Маврово“ на почетокот на минатиот месец обележа нова единка од балканскиот рис, близу селото Ничпур, во НП „Маврово“. Од МЕД информираат дека станува збор за здрава женка тешка 14,5 kg на возраст од околу десетина години.
– Рисицата доби име Атиџе и како сите рисови досега, таа носи околувратник за да испраќа податоци за локациите на нејзиното движење. Утврдивме плен и сега сме сигурни дека Атиџе е во добра состојба, изјави Александар Павлов од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.
Оваа рисица првпат е сликана со фотозамка во 2013 година и тогаш во базата на податоци се водеше како Б11. Според тимот на МЕД, интересен податок за Атиџе е што таа е десетти рис што се следи со GPS-околувратник за точно десет години следење единки од балканскиот рис со помош на овој метод.
Од МЕД наведуваат и дека пред точно пред 10 години на истиот ден беше обележан рисот Марко.
– И ова е десетта единка за овие десет години. Убаво заокружување на досегашните теренски активности поврзани со сесијата за за мониторинг на рисот, изјави Диме Меловски од Програмата за зачувување на балканскиот рис што ја спроведува МЕД.
Во изминатиов период од МЕД обележале шест мажјаци и четири женки од ова ретко животно. Балканскиот рис е најреткиот од деветте подвида на евроазискиот рис и исклучиво го населува Балканот. Според сознанијата, во природа постојат помалку од 50 возрасни единки, од кои најголем број живеат токму во македонските шуми. Поради оваа состојба, Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) ова животно го смета за критично загрозено.